Зголемен метеж е забележан вечерва на граничниот премин Евзони – Богородица, каде голем број патници се соочуваат со подолги задржувања при враќањето од Грција кон Македонија.
Според информации од патници кои се наоѓаат на терен, времето на чекање достигнува до час и половина, а колоните на возила на грчка страна се протегаат неколку километри пред самиот граничен премин.
Причина за зголемениот интензитет на сообраќајот е враќањето на туристите по продолжениот викенд и крајот на летниот одмор за многумина кои престојувале во туристичките места во Грција. Во колоните може да се забележат возила со регистарски таблички од Македонија, но и од повеќе европски држави.
Задржувања има и на граничниот премин Дојран, додека најбрз проток на возила во моментов е забележан на Меџитлија, каде патниците чекаат значително пократко време за преминување на границата.
Од АМСМ информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива со засилен интензитет, особено на правците кои водат кон граничните премини со Грција. Сепак, од македонска страна на Богородица засега нема информации за поголеми застои.
Се очекува фреквенцијата на возила да остане висока и во текот на вечерта, па на патниците им се препорачува трпение и планирање на дополнително време за патување.
