Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, денеска присуствуваше на свечениот прием на првачињата во ООУ „Св. Климент Охридски“, заедно со претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, и пратеникот во Собранието, Сашо Донев.
Пецаков упати честитки до најмладите ученици, посакувајќи им успешен почеток на нивното образование.
„Драги првачиња, пред вас е едно ново и убаво поглавје исполнето со нови знаења, другарства и незаборавни училишни спомени. Бидете љубопитни, вредни, насмеани и верувајте во себе“, порача градоначалникот.
Тој им посака успешна, исполнета и среќна учебна година на сите ученици од општина Охрид, со многу знаење, успеси и убави моменти.
Пецаков упати порака и до родителите и наставниците, посакувајќи им трпение, радост и успех во текот на учебната година, а на наставниот кадар му се заблагодари за посветеноста и одговорноста.
Од Општина Охрид најавуваат дека и во иднина ќе продолжат со вложувања во образованието и создавање подобри услови за учениците.
„Среќен почеток на новата учебна година!“, порача Пецаков.
