Додека на ниво на државата бројот на првачиња продолжува да се намалува, Општина Илинден годинава бележи спротивен тренд – бројот на деца кои првпат седнуваат во училишните клупи е зголемен за повеќе од 20 проценти во однос на минатата учебна година.
Растот доаѓа во година кога на национално ниво се запишани 14.952 првачиња, речиси 3.000 помалку од минатата учебна година. Поради намалениот број ученици, годинава 26 подрачни училишта во земјава се ставени во мирување, а бројот на паралелки во основното и средното образование е намален за вкупно 433.
Илинден и во изминатите години се издвојуваше како една од општините во кои бројот на ученици останува стабилен. Според општинските податоци, минатата учебна година во прво одделение биле запишани над 150 ученици.
Општината годинава воведе и еднократна финансиска помош од 3.000 денари за секое запишано прваче, а продолжува и со обезбедување ранци и училишен прибор за најмладите ученици.
