HomeАктуелноОхрид домаќин на меѓународната конференција „Безбедност 2030“

Охрид домаќин на меѓународната конференција „Безбедност 2030“

Во Охрид денес и утре ќе се одржи 17. Меѓународна научна конференција „Безбедност 2030: Ера на паметни технологии, отпорни општества, ризици и предизвици“. Конференцијата е во организација на Факултетот за безбедност – Скопје, со поддршка од Министерството за внатрешни работи.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Според најавата на конференцијата ќе учествуваат претставници на академската и научната заедница, безбедносните институции и јавниот сектор, како и истражувачи и практичари од земјата, регионот и пошироко.

Настанот ќе овозможи размена на научни сознанија, искуства и перспективи за современите и идните безбедносни предизвици во услови на забрзан развој на паметните технологии, дигитализацијата и вештачката интелигенција.

Конференцијата има за цел да создаде платформа за научна дебата, размена на знаења и мултидисциплинарна соработка за трансформацијата на безбедноста во ерата на напредните технологии. Посебен акцент ќе биде ставен на сајбер-безбедноста и дигиталната отпорност, хибридните закани и информациската безбедност, заштитата на критичната инфраструктура, етичките и правните аспекти на новите технологии, како и на градењето отпорни општества и унапредувањето на регионалната и меѓународната соработка.

На отворањето на конференцијата свои обраќања ќе имаат Даниел Браун, Официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Весна Јаневска, министерка за образование и наука, Кирил Пецаков, градоначалник на Општина Охрид, Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Јонче Ивановски, декан на Факултетот за безбедност – Скопје.

Во рамки на воведната пленарна сесија свои обраќања ќе имаат д-р Кристина Катрин Краузе, раководител на Одделот за меѓународни и безбедносни прашања при Фондацијата Конрад Аденауер, и проф. д-р Габор Ковач, полициски генерал-мајор и декан на Факултетот за спроведување на законот при Универзитетот за јавни служби „Лудовика“ од Унгарија.

Вториот ден од конференцијата ќе се одржат паралелни научни сесии посветени на полициското работење и новите технологии, паметниот сообраќај и урбаната мобилност, глобалната безбедност и меѓународната соработка, етиката, правото и дигиталната отпорност, како и хибридните закани и информациската безбедност.

Преку научни излагања, тематски дискусии и размена на искуства, конференцијата ќе придонесе кон продлабочување на соработката меѓу академската заедница, институциите и практичарите и кон развивање современи пристапи за справување со безбедносните ризици и предизвици во пресрет на 2030 година.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.