При 560 вонредни инспекциски контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во објектите за производство на сладолед и мраз, како и во угостителски објекти кои сами произведуваат и ставаат во промет вакви производи за сопствени потреби издадени биле 140 решенија за утврдени неусогласности. Изречени биле и 45 парични казни во вкупна вреднсот од 19 430 евра во денарска проиввредност, а како небезбедни нештетно се уништени 202 литри/килограми сладолед и мраз.
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), согласно одредбите од Законот за безбеднсот на храната, од почетокот на јули до крајот на август спроведоа вонредни инспекциски контроли во објектите за производство на сладолед и мраз, како и во угостителски објекти кои сами произведуваат и ставаат во промет вакви производи за сопствени потреби. Во два месеца реализирани се вкупно 560 инспекциски надзори кај оваа категорија оператори, за што се издадени 140 решенија за утврдени неусогласности – информираат од АХВ.
Според АХВ, со спроведените контроли утврдено било дека 17 оператори не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата за храна и ветеринарство, а 64 од операторите немале направено анализи на сладолед/мраз. Кај 20 АХВ утврдила несоодветно означување на производите, а тројца набавувале мраз од нерегистриран добавувач.
Со контролите кај 10 оператори биле затекнати вработени лица кои немале спроведени задолжителни здравствени прегледи. Незадоволителни хигиенски и технички услови биле утврдени кај пет од контролираните објекти, а 19 оператори немале воспоставени процедури на Добра производствена и Добра хигиенска пракса, како и процедури за чистење на ледоматите.
Незадоволителни технички и хигиенски услови имало во 5 објекти, а записи за следливост немале 4 од операторите. Кај еден оператор утврдено било дека нема спроведено задолжителни мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
