HomeАктуелноСилјановска-Давкова за 11 Октомври: Имаме обврска да градиме демократска и просперитетна држава

Силјановска-Давкова за 11 Октомври: Имаме обврска да градиме демократска и просперитетна држава

Претседателката Гордана Силјановска Давкова по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, упати порака до граѓаните, потсетувајќи на значењето на овој историски датум и на обврската на современите генерации да ги чуваат вредностите за кои се бореле востаниците.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Во честитката таа посочи дека на 11 Октомври 1941 година македонските востаници се приклучиле кон антифашистичкиот фронт, водени од стремежот за слобода и создавање македонска држава.

– Идеја водилка на востанието како народен отпор беше вековниот стремеж за слободна македонска држава. Востанието прерасна во Народноослободителна борба, низ која, со крв, саможртва и непоколебливост на знајни и незнајни јунаци, се трасираше патот кон АСНОМ – порача Силјановска Давкова.

Таа нагласи дека 11 Октомври не е само историски датум, туку трајна обврска кон идните генерации.

– 11 Октомври не е само важен историски датум. Тој е незаборавна и небришлива меморија и вечен завет за чување и развој на татковината – истакна претседателката.

Силјановска Давкова посочи дека подвигот на прилепските, кумановските и сите други востаници претставува аманет дека слободата, правдата и државноста бараат посветеност и одговорност.

– Нивниот херојски подвиг нè задолжува да бидеме не само нивни благодарни потомци, туку и достојни чувари и бранители на нивното непроценливо дело – порача таа.

Во честитката претседателката се осврна и на современите предизвици, нагласувајќи дека државата треба да се гради врз принципите на демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековото достоинство.

– Време е да се однесуваме кон државата како кон заеднички дом, во кој различностите не се повод за делби, туку причина за учење едни од други, за разбирање и за градење свест за заедничко добро – напиша Силјановска Давкова.

Таа додаде дека секоја генерација има свој историски испит и дека денешната задача е да се продолжи делото на претходниците преку знаење, морал, единство и одговорност.

– Нашиот испит не е да ги повторуваме битките на претходниците, туку да ги оживотвориме нивните подвизи: со знаење, наместо со незнаење; со право, етика и морал, наместо со самоволие; со единство, наместо со раздор – порача претседателката.

Силјановска-Давкова на крајот им оддаде почит на востаниците и партизаните, нагласувајќи дека денешните генерации имаат обврска да градат демократска, правна и просперитетна европска држава.

– На востаниците и на партизаните им должиме заслужена почит што се избориле и ни оставиле држава. Ние пак, имаме политичка, економска и граѓанска обврска да градиме демократска, правна и просперитетна европска држава- се наведува во честитката.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.