Предвремените локални избори за градоначалник на Општина Брвеница завршија со најмногу освоени гласови за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Стојанчо Радически, но ниту еден кандидат не освои доволно гласови за победа во првиот круг.
Според првичните податоци на Државната изборна комисија, по обработката на сите 24 избирачки места, Радически освоил 2.943 гласа, односно 38,90 проценти.
Второпласиран е Аркин Јахиј од Националната алијанса за интеграција (НАИ), со 2.152 гласа или 28,45 проценти. Двајцата кандидати ќе се соочат во вториот круг од изборите.
На третото место е Јакуп Хусеини од коалицијата ВЛЕН со 1.528 гласа, односно 20,20 проценти, додека кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ, Јовица Радески, освоил 706 гласа или 9,33 проценти.
Независниот кандидат Душан Богдановски добил 55 гласа, а Арифе Идризи освоила 21 глас.
На изборите гласале 7.565 граѓани од вкупно 16.256 запишани избирачи, што претставува излезност од 46,56 проценти.
Конечните резултати треба да бидат утврдени по завршувањето на постапката за евентуалните приговори.
Изборите во Брвеница беа распишани по смртта на дотогашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни годинава.
