Шеснаесет лица кои моментално не се во врска ќе добијат можност во февруари следната година да заминат на целосно бесплатно патување, да запознаат нова култура, да пробаат локална храна, да истражуваат интересни предели и можеби да ја пронајдат љубовта.
Необичната туристичка авантура ја организира Visit Finland, официјалната туристичка организација на Финска, а за неа пишува британскиот медиум „Metro“.
Патувањето ќе се одржи од 9 до 19 февруари, а учесниците ќе бидат поделени во две групи со по осум лица. Тие ќе имаат можност да престојуваат во еден од двата фински града – Хелсинки или Тампере.
Покрај туристичките активности, разгледувањето знаменитости и гастрономските искуства, програмата вклучува и посебен начин за запознавање нови луѓе.
Вечера на слепо – можност за нова љубов?
Пред враќањето дома, секоја група ќе учествува на посебна вечера на која учесниците ќе се запознаваат без претходно да се видат.
На осумте меѓународни гости ќе им се придружат и двајца слободни жители на Финска, па на секоја вечера ќе има по десет учесници.
Ќе бидат организирани две вакви вечери, со можност за нови познанства, пријателства, а можеби и романтична приказна.
Според податоците наведени во објавата, во Финска живеат околу 2,7 милиони самци. Идејата за ова патување е инспирирана од вирален тренд на социјалните мрежи, кој привлече големо внимание во земјата претходно оваа година.
