Основниот суд во Охрид му одреди 30-дневен притвор на 31-годишниот Кристијан Корабоски, обвинет за бруталниот напад врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска од Охрид. Во меѓувреме, познат е и датумот на првото судско рочиште – 27 ноември во 11 часот.
Корабоски се товари за три кривични дела: телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
Одлуката за притвор следува откако претходно обвинетиот беше пуштен со мерки на претпазливост. Обвинителството во меѓувреме собра дополнителни докази и поднесе обвинителен предлог, по што побара притвор поради опасност од бегство и можност за повторување на кривичните дела. Судот го прифати предлогот и му определи притвор во траење од 30 дена.
Обвинителството располага и со видеоснимки
Според објавените информации, покрај медицинската документација и другите докази, Обвинителството располага и со видеоснимки поврзани со настаните за кои се товари обвинетиот.
Според информациите за случајот, нападот се случил на 15 ноември, околу 2 часот по полноќ. Расправијата започнала во домот, а продолжила во автомобилот. Според полициските информации, физичкиот напад продолжил и откако возилото било запрено, при што девојката изгубила свест и се здобила со тешки телесни повреди.
Таа била пренесена во болница во Охрид, а потоа и во Специјалната болница „Св. Еразмо“. Во меѓувреме е пуштена на домашно лекување, но продолжува со дополнителни медицински испитувања во Скопје.
Се проверуваат и евентуални пропусти
Случајот предизвика силни реакции во јавноста, особено по првичната одлука обвинетиот да биде пуштен со мерки на претпазливост.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, најави проверки за евентуални пропусти во полициското постапување.
Првото судско рочиште е закажано за 27 ноември во Основниот суд во Охрид.
Јавноста очекува целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорноста на сите инволвирани, доколку се утврдат пропусти.
