По студеното и сончево време денес, Македонија од утре влегува во период со значително понестабилно време.
Според најновата прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи, во текот на среда облачноста постепено ќе се зголемува, а од крајот на денот и во текот на ноќта ќе започнат повремени врнежи од дожд во западните делови.
Најмногу дожд се очекува во четврток.
Во четврток над 30 литри дожд
На 26 ноември се очекува облачно време со повремени врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните делови на земјата – над 30 литри на квадратен метар.
Температурата ќе се движи од 7 до 12 степени.
Во петок повторно ќе има повремени врнежи, а пообилни врнежи се очекуваат во јужните и источните делови, каде локално може да наврнат над 20 литри на квадратен метар.
За викендот – дожд, но и снег
УХМР најавува и заладување во деновите од викендот, поради што врнежите на одредени места ќе бидат од дожд и снег.
Во Охрид, според прогнозата, четврток и петок носат дожд и температури околу 10–12 степени, додека за викендот останува променливо и врнежливо време.
Од УХМР предупредуваат и на засилен ветер во одредени периоди.
Денес, пак, во Охрид се очекува сончево и постудено време со максимална температура до 8 степени, а утрешното утро ќе биде студено, со негативни температури на повеќе места.
Значи, по неколку постудени и стабилни денови, следува дождлив период, а кон викендот и пад на температурите со услови за снег на повисоките места.
