HomeАктуелноОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ ВРЗ САРА ЃОРЃИЕСКА: Побарано изземање на обвинител и судии, ново рочиште на 1 декември

ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ ВРЗ САРА ЃОРЃИЕСКА: Побарано изземање на обвинител и судии, ново рочиште на 1 декември

Судењето за случајот со нападот врз 26-годишната охриѓанка Сара Ѓорѓиеска денеска не започна во Основниот суд во Охрид. Главната расправа е одложена, а продолжението на судскиот процес е закажано за 1 декември.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Причина за одложувањето биле повеќе барања за изземање поднесени од одбраната на обвинетиот Христијан Корабоски.

Како што информира адвокатот на оштетената, Ѓоко Шаин, одбраната побарала изземање на јавниот обвинител кој го води предметот, но и на сите јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Охрид.

Дополнително, било побарано изземање и на судиите Александра Поп Стефанија и Милчо Клишески, како и на претседателот на Основниот суд во Охрид. Барањата за изземање на судиите биле разгледани, при што, според Шаин, барањето за изземање на Поп Стефанија и Клишески било одбиено. За барањето поврзано со претседателот на судот треба да се произнесе Апелациониот суд во Битола.

Одбраната, пак, на рочиштето посочила дека доставила барање за изземање до Апелациониот суд во Битола, како и барање за изземање на Основниот јавен обвинител од Охрид до Вишото јавно обвинителство. Во судницата била присутна оштетената Сара Ѓорѓиеска, додека обвинетиот не присуствувал на расправата. Според информациите од адвокатот на оштетената, тој се наоѓал во притворското одделение во рамки на судот.

На денешното рочиште присуствувал и еден од најавените сведоци, додека вториот не дошол поради здравствени причини, за што била доставена медицинска потврда.

Против Христијан Корабоски ОЈО Охрид има поднесено обвинение за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Случајот предизвика големо внимание во јавноста и реакции против насилството врз жените и семејното и родово базираното насилство.

Новиот датум за продолжување на главната расправа е 1 декември.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.