Германската компанија „Кромберг и Шуберт“ започнува нов инвестициски проект во Битола, со кој се планира отворање на 2.000 нови работни места во следните четири години и производство на автомобилски компоненти за германскиот автомобилски гигант „Ауди“.
Ова го објави премиерот, посочувајќи дека инвестицијата претставува потврда за довербата на странските инвеститори во македонската економија, квалификуваната работна сила и потенцијалот на домашната индустрија.
Според најавените податоци, со реализацијата на новиот проект компанијата ќе има вкупно 10.000 вработени во Македонија. Во новиот производствен капацитет се планира дневно производство на над 3.000 автомобилски снопови за нов модел на „Ауди“.
Премиерот посочи и дека од производните капацитети на компанијата во Македонија следната година се очекува извоз над 400 милиони евра. Дополнително, според изнесените податоци, просечните плати за висококвалификуваниот кадар се над 80 проценти повисоки од националниот просек.
„Нашата цел е јасна – повеќе инвестиции, повеќе работни места, посилен извоз и подобар животен стандард за граѓаните“, наведува премиерот во објавата.
Тој нагласува дека економскиот развој, привлекувањето нови инвестиции и отворањето добро платени работни места остануваат меѓу приоритетите на Владата.
Реализацијата на проектот во Битола се очекува да придонесе за проширување на производствените капацитети на компанијата и за зајакнување на позицијата на Македонија во автомобилската индустрија.
