Митровден – ден на мир, благослов и старински обичаи во чест на Свети Димитриј Солунски
Православните христијани утре, на 8 ноември, го слават Свети Димитриј Солунски – еден од најголемите есенски празници, познат како Митровден, посветен на христијанскиот воин и заштитник од злото.
Покрај своето црковно значење, Митровден е длабоко поврзан со народните верувања и обичаи, кои се однесуваат на предвидување на зимата, но и на внесување благослов и мир во домот.
Се верува дека сите големи работи треба да се завршат до полноќ, од договори и плаќања, до чистење и средување на домот – за да се привлече среќа во годината што следува. Домот треба да биде чист и уреден, со запалена свеќа или кандило пред иконата на светителот, а семејството да се собере на заедничка вечера со молитва за заштита и благослов.
Не се оставаат недовршени обврски – така велеле нашите предци.
За спокојство во домот, вечерта пред празникот не се излегува без потреба, ниту се ноќева надвор, за да не се помине годината во туѓи домови. Не се караат ниту децата, бидејќи се верува дека така ќе останат мирни и благословени преку зимата. Избегнувајте кавги, тешки зборови и пцуење – Митровден е ден за помирување и мир, а лошата енергија внесена вечерва може да се пренесе низ целата година.
Особено интересен е старинскиот обичај на жените и девојките – на прагот или на прозорецот свртен кон улица се става запалена ламба, свеќа или фенер, со што симболично се повикува светителот да влезе во домот, да донесе топлина, благослов и заштита. Лампата се остава да гори цела ноќ, до утрото на Митровден.
Според народното верување, времето на Митровден ја најавува зимата:
-
Ако небото е ведро – следи блага зима.
-
Ако врне дожд – зимата ќе биде влажна и со снег што брзо се топи.
-
Ако вечерта има мраз или снег – не чека долга и студена зима.
