Со длабока почит и гордост денес го одбележуваме 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, ден кој е симбол на вековниот копнеж, пркосот и непоколебливата волја на македонскиот народ за слобода, правда и сопствена државотворност, истакна градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, во празничната честитка.
Тој потсетува дека пред повеќе од еден век шестмина визионери го поставиле темелот на организираната борба, од која низ историските премрежја се развивала идејата за слободна, самостојна и независна Македонија.
Пецаков посочува дека Охрид, како лулка на македонската писменост, духовност и култура, отсекогаш имал посебно место во македонската историска епопеја, а вредностите и храброста на предците се дел од колективната меморија на градот.
Денес, борбата на нашата генерација е поинаква, но исто толку важна. Се бориме со знаење, труд, чесност и посветеност. Наша должност е да градиме модерен, развиен и европски Охрид, град во кој младите ја гледаат својата иднина на дедовината, а постарите живеат во достоинство и мир. Почитта кон минатото ја докажуваме со дела во сегашноста, порачува Пецаков.
