HomeАктуелноДен на трудот

Ден на трудот

Први мај, граѓаните традиционално ги наполнаа излетничките места, парковите и викенд населбите, барајќи одмор од секојдневието.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Скара, музика и природа – слика која со години се повторува, но прашањето останува исто: дали навистина го славиме трудот или само бегаме од неговата тежина?

Иако овој ден потекнува од борбата за работнички права и подобри услови за живот, реалноста кај нас често го става во втор план неговото вистинско значење. За многумина, Први Мај е само уште една прилика за одмор, далеку од стресот, ниските плати и несигурните работни места.

Во време кога цените растат побрзо од платите, а младите сè почесто ја гледаат иднината надвор од државата, симболиката на овој празник добива нова тежина. Наместо протести и барања за подобри услови, утре ќе доминираат насмевки покрај скара – краток одмор од реалноста која ги чека веќе следниот ден. Од синдикатите најавуваат симболични активности, но без поголеми собири.

Дел од работниците, пак, нема ни да имаат слободен ден – ќе работат, како и секој друг ден, потсетувајќи дека за некои „празник“ е само збор. Додека едни ќе уживаат во природата, други ќе размислуваат за сметките, кредитите и иднината.

Први Мај останува огледало на општеството – ден кој истовремено носи радост, но и тивка критика за условите во кои живееме. Можеби токму денес, меѓу чадот од скарата и смеата, вреди да се постави едно прашање: колку навистина вреди трудот денес?

Дел од граѓаните велат дека најважно им е барем еден ден да се тргнат од секојдневните обврски и да поминат време со семејството и пријателите.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.