HomeАктуелноДЕНЕС Е ТОДОРОВА САБОТА: Денот на љубовта и бендисувањето – еве кои имиња слават и зошто се прави коливо

ДЕНЕС Е ТОДОРОВА САБОТА: Денот на љубовта и бендисувањето – еве кои имиња слават и зошто се прави коливо

Денес православните верници ја одбележуваат Тодорова сабота, позната и како Тодорица – празник што се празнува во првата сабота од Велигденските пости, веднаш по Прочка.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Овој ден е симбол на приврзаноста кон постот, но и на богатите народни обичаи што се зачувале со векови. Именден денес празнуваат: Тодор, Тодорка и Божидар – име што значи Божји дар („Тео“ – Бог и „дар“).

Во многу краишта од Македонија, вечерта спроти празникот се носи Тодорички леб или Тодоречка погача во црква. Во охридско, според народните записи, се носеле и колаци со четири проскурчиња „за воловско здравје“.

Тодорица е позната и како „денот на бендисувањето“. Во западна Македонија, ергените и девојките, облечени во народни носии, заедно со родителите шетале низ градовите, се запознавале и се бендисувале. Поради тоа, празникот се смета и за ден на љубовта.

Посебно се интересни љубовните обичаи. Девојките врзувале варена пченица и пченка во крпчиња, ги префрлале преку олтарот, а потоа ги ставале под перница за да го соништат идниот сопруг, изговарајќи желба тој да им се јави во сон.

Црковното значење на празникот е поврзано со чудото на Свети Теодор Тирон. Според преданието, тој го предупредил архиерејот дека царот Јулијан Отстапник наредил храната на пазарите да биде попрскана со крв од идолски жртви, со цел да ги оскверни христијаните за време на постот.

По негов совет, верниците јаделе коливо – варена пченица – и така се заштитиле од измамата. Оттогаш, секоја година на овој ден се приготвува и осветува коливо во чест на чудото.

Тодорова сабота останува празник што ја спојува верата, традицијата и љубовта – ден кога духовноста и народниот обичај се испреплетуваат.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.