Син на некој ѓакон од градот Мелитопол. Уште како дете добро ги помнеше зборовите на Евангелието и се трудеше да ги исполни. Се насели покрај едно езеро каде што ловеше риба, ја продаваше и им делеше на сиромасите. По Божја Промисла го избраа за епископ Лампсакиски. Го очисти градот од незнабоштвото, ги затвори идолопоклоничките храмови, изгради многу цркви и го утврди благочестието. Со молитва лечеше секаква болест, а особено имаше власт над злите духови. Еднаш кога сакаше да изгони зол дух од некој луд човек, злиот дух го молеше да не го изгонува. „Ќе ти дадам друг човек, во него влези и живеј“, му рече Партениј. „Кој е тој човек?“, праша демонот. „Јас сум“, одговори светителот. „Влези и живеј во мене!“ Кога го слушна тоа демонот побегна како од оган викајќи: „Кај можам да влезам во Божјиот дом?!“ Свети Партениј поживеа долго и својата обилна љубов кон Господ и кон луѓето ја покажа на дело. Во вечниот покој на Христос се пресели во VI век.

Спомен од 2023 година
Празнувајќи го споменот на нашиот Отец меѓу Светиите Партениј Лампсакиски Чудотворец, како и по повод именденот на нашиот почитуван старец и игумен, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, Свештената Бигорска Обител, покануваат од Бигорскиот Манастир сите заедно да го прослават овој светол спомен.

Бигорскиот Старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, е роден на 29 октомври 1970 година во Битола. Уште од најрано детство задоен со силна љубов кон Бога, го започнува својот духовен пат, најнапред во средното богословско училиште „Свети Климент Охридски“.
Божјата промисла сакала, сепак, тој уште понепосредно и подлабоко да се запознае со православниот духовен и монашки опит, доведувајќи го во манастирот Григоријат на Света Гора, каде што престојува извесно време, под мудрото духовно раководство на, сега веќе блаженоупокоен Старец Георгиј Капсанис.
Е.Р
