Денеска е Прочка – ден на простување и помирување пред Велигденските пости
Православните верници денеска ја одбележуваат Прочка, празник посветен на меѓусебното простување и духовната подготовка пред почетокот на Велигденските пости.
Прочка, позната и како Велики поклади, се празнува седум недели пред Велигден и претставува последен ден кога се консумира мрсна храна пред започнувањето на Великиот пост.
Суштината на празникот е во простувањето. Помладите традиционално бараат прошка од повозрасните со зборовите „Прости ми“, на што се одговара „Простено ти е од мене и од Бога“. Со овој чин симболично се оставаат навредите и недоразбирањата зад себе и верниците духовно подготвени влегуваат во периодот на пост, молитва и покајание.
Во многу места низ Македонија се негуваат и народни обичаи како амкање јајце и палење огнови, кои симболизираат прочистување и нов почеток.
Прочка нè потсетува дека простувањето е темел на христијанските вредности и пат кон внатрешен мир и семејна хармонија.
