Вистинска ракометна драма се одигра во СРЦ „Билјанини Извори“, каде ГРК Охрид со голем пресврт стигна до финалето на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“. Иако Загреб во текот на натпреварот имаше и предност од пет гола, охриѓани не се предадоа и со гол во самиот финиш изборија реми 30-30, резултат што им го донесе посакуваниот пласман во финалето и можност да го бранат трофејот освоен минатата година.
Херој на домашниот состав беше голманот Славиќ, кој натпреварот го заврши со 13 одбрани, од кои дури девет во второто полувреме. Во нападот најефикасен беше Доминик Мате со шест погодоци.
Возбудувањата кулминираа во последната минута. Охрид постепено ја намалуваше негативата, а при резултат 29-30 Карачиќ не успеа да го совлада расположениот Славиќ. Голманот на охриѓани уште еднаш блесна и му овозможи на својот тим напад за израмнување.
По тајм-аутот на Ројевиќ, првата акција не беше реализирана, но Славиќ повторно интервенираше фантастично и му даде нова шанса на својот тим. Дарко Ѓукиќ ја презеде одговорноста и погоди за 30-30, оставајќи му на Загреб само неколку секунди за последен напад, кој хрватскиот шампион не успеа да го претвори во гол.
Во големото финале ГРК Охрид ќе се соочи со Вардар, во уште едно дерби меѓу двата македонски тима. Тоа ќе биде нивен втор меѓусебен дуел за кратко време, по финалето на турнирот во Струга, каде победата им припадна на охриѓани.
