Здружението „Бадникови поворки – здружение за возобновување на традициите“ оваа година за првпат организира Лазарова поворка по повод големиот православен празник Лазарова Сабота. Настанот има духовен и традиционален карактер и опфаќа учество на голем број деца, придружувани од нивните родители, со цел зачувување и негување на вековните обичаи.
Поворката започнува во 11:00 часот од градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“, од каде учесниците ќе се движат низ охридската чаршија, носејќи врбови гранчиња и пролетни цвеќиња, сè до храмот „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“. Завршувањето на настанот е предвидено околу 12:00 часот, кога децата ќе ги принесат своите букети во храмот, придружени со песна и радосна атмосфера.
Лазаревите поворки претставуваат значаен дел од македонското духовно и културно наследство. Во минатото, овој обичај бил широко распространет, особено меѓу најмладите, кои во пресрет на празникот собирале цвеќиња и гранчиња, а потоа во групи, пеејќи песни, ги посетувале домовите и храмовите, носејќи ја празничната радост.
На следниот ден, на празникот Цветници – денот кога се одбележува влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим, врбовите гранчиња се осветуваат и се раздаваат на верниците, додека цвеќињата се користат за украсување на храмовите и домовите. Со тоа симболично се најавуваат претстојните големи празници и почетокот на Страдалната седмица.

Од здружението упатуваат покана до сите граѓани да се приклучат на оваа радосна поворка, да понесат добро расположение и со заеднички дух да ја продолжат убавата традиција на нашите предци, негувајќи ги вредностите кои се пренесуваат од генерација на генерација.
