Ново убиство се случи во Македонија, а маж е уапсен во Гостивар.
Како што соопшти полицијата, 34-годишен маж е уапсен под сомнение дека го убил својот 63-годишен татко во семејниот дом. Сомнежот не се појавил по случајна проверка, туку по пријава од член на семејството, кој по полноќ ја алармирал полицијата дека во куќата можеби се криe убиство.
Кога полицијата излегла на местото, во домот е пронајдено телото на 63-годишниот гостиварец со видливи повреди и траги од насилство во пределот на главата. Само дваесетина минути по пријавата, во 1:50 часот е уапсен неговиот син, за кого МВР соопшти дека е осомничен за кривично дело убиство.
Она што дополнително го прави случајот тежок е првичната верзија што ја давал осомничениот. Според информациите од истрагата, тој тврдел дека татко му починал уште претходниот ден околу 14:50 часот, и тоа како последица на пад во бањата. Но, случајот воопшто не бил пријавен кај надлежните служби, што веднаш ги засилило сомнежите дека станува збор за обид насилната смрт да се прикаже како несреќен случај.
Деновиве имаше убиство и во Росоман. Инаку, 27-годишниот И.Р. од Росоман кој е осомничен за убиството на неговата 54-годишна мајка, доби 30 дена притвор, информираа од Основниот суд Кавадарци. Тој со нож ја убил својата мајка и сам се пријавил во полиција.
