Студентските претставници ја прифатија понудата на Владата и Министерството за образование и наука за новиот модел на субвенциониран студентски оброк, по консултации спроведени во нивните организациски структури.
Според предложеното решение, месечната сума за студентски оброк ќе се зголеми од 3.500 на 4.500 денари, а ќе биде воведен нов систем наречен М-студентски оброк. Студентите ќе добијат јавно достапна листа на маркети и оператори каде што ќе можат да ги користат средствата, а попустите ќе важат до крајот на месецот, независно од тоа дали целата сума е потрошена.
Студентските претставници, сепак, поставуваат два услова: договорените решенија да бидат внесени во Законот за субвенциониран студентски оброк, а списокот на компаниите и маркетите да биде јавно објавен пред стапувањето на законот во сила.
Од студентските организации посочуваат дека моделот го прифаќаат по консултациите со студентите и очекуваат договорените услови да бидат испочитувани.
