HomeАктуелноПензионерите повторно бараат линеарно зголемување: „Сите треба да добиеме ист износ“

Пензионерите повторно бараат линеарно зголемување: „Сите треба да добиеме ист износ“

Барањето за пензиите да се зголемуваат со ист износ за сите пензионери повторно е актуелно. Иницијативниот одбор за линеарно зголемување бара идните покачувања да бидат регулирани со закон, наместо зголемувањето да се пресметува само процентуално.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Одборот смета дека процентуалното усогласување создава дополнителна разлика меѓу пензионерите. Според нив, кога сите добиваат ист процент, оние со повисоки пензии добиваат и поголемо зголемување во денари, додека кај пензионерите со најниски примања покачувањето е значително помало.

„По одењето во пензија, сите пензионери сме еднакви. Главните параметри врз основа на кои е определена пензијата веќе се вградени во самото пензиско решение“, вели Кирил Јосифовски, претседател на Иницијативниот одбор на пензионерите од Охрид и Дебрца.

Одборот предлага средствата што државата ги издвојува за раст на пензиите да се поделат рамномерно меѓу сите корисници. Тие бараат моделот да се воведе уште со следното мартовско усогласување.

Според Трајче Станојков од Свети Николе, не е спорен процентуалниот механизам сам по себе, туку начинот на кој тој се одразува врз различните категории пензионери.

„Ако сите добијат ист процент, разликата во реалното зголемување останува голема. Оние со повисоки пензии добиваат илјадници денари повеќе, додека најниските пензии се зголемуваат за само неколку стотини денари“, посочува Станојков.

Иницијативниот одбор побара и оставка од претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, Станка Трајковска, поради нејзиниот став дека не треба да се воведе линеарно зголемување.

По двегодишниот период во кој пензиите се зголемуваа со фиксен износ, од септември повторно се применува законскиот модел на процентуално усогласување, кој ги следи движењата на платите и трошоците за живот.

Пензиите законски се усогласуваат двапати годишно – во март и септември. Кај процентуалниот модел, висината на покачувањето во денари зависи од износот на пензијата, па корисниците со повисоки пензии добиваат и поголемо номинално зголемување.

Конечниот процент за септемвриското усогласување се утврдува согласно законскиот механизам, а пензиите за септември се исплаќаат во октомври.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.