Во текот на 11 март 2026 година полицијата спроведе повеќе акции на подрачјето на Кичево, Охрид, Струга и Дебар, при што се приведени неколку лица и се евидентирани повеќе кривични и прекршочни настани.
На улицата „11 Септември“ во Кичево, во 12:30 часот, полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода Р.В. (49) од Кичево. При сообраќајна контрола бил сопрен патнички автомобил „мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, кој го управувал, при што било утврдено дека нема возачка дозвола, односно нема положено возачки испит. По насоки на јавен обвинител, возилото било одземено, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Претходно, во 12:15 часот на булеварот „Ослободување“ во Кичево, полициски службеници го привеле К.З. (45) од селото Трапчин Дол. Тој управувал патничко возило „опел зафира“ со кичевски регистарски ознаки, иако имал активна мерка – забрана за управување моторно возило од „Б“ категорија. И во овој случај возилото било одземено, а против лицето ќе следува соодветна пријава.
Со судска наредба, полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Охрид извршиле претрес во домот на Ѓ.П. (46) од селото Пештани. При претресот биле пронајдени семки од растението канабис сатива, кои биле одземени за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во Дебар, пак, во 11:00 часот во ОВР Дебар било пријавено дека на улицата „Фуат Дибра“, У.Б. (59) со тврд предмет нападнал малолетник, при што двајцата се од Дебар. Во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Воедно, Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Д.О. (41) од Охрид поради сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Според информациите, на 23 април 2025 година во Струга, при контрола во возило во кое се превезувал, кај него бил пронајден и одземен кокаин.
