Во Хрватска пензионерите можат да работат до 20 часа неделно, а притоа да го задржат целиот износ на својата пензија. Ова право го имаат корисниците на старосна, предвремена старосна и семејна пензија, како и оние што го стекнале правото на пензија според општите прописи. Тие можат да склучат договор за работа, било на определено или неопределено време, и имаат исти права како и останатите вработени, вклучувајќи го и правото на платен годишен одмор.
Сепак, од Странката на пензионери укажуваат на проблем кој се однесува на пензионирани војници и полицајци. Тие веќе со години ги дополнуваат своите приходи работејќи со половина работно време, но тој труд не им се пресметува како дополнителен стаж, поради што не можат да ја зголемат пензијата.
Повеќе работа – помала пензија
Еден од таквите примери е Дарио Наѓ, поранешен војник, кој шест години работел по договори со половина работно време. Кога се обидел тој период да му се признае како стаж, бил известен дека според важечките прописи неговата пензија би се намалила за 20 до 30 проценти.
- „Ги прашав како е можно да имам помала пензија ако имам повеќе стаж. Не ми дадоа објаснување, само рекоа дека такви се правилата“, вели Наѓ.
Од Министерството за хрватски бранители му одговориле дека не е пензиониран според Законот за бранители, па затоа не спаѓа во нивна надлежност. Ни од политичките партии на кои се обратил не добил конкретен одговор.
- „Веќе пет години се обидувам да добијам објаснување, но наидувам на ѕид“, додава тој.
Проблем и со 13. пензија
Наѓ исто така наведува дека износот на 13. пензија нема да му биде пресметан врз основа на полниот стаж. Правник од ПИО фондот му рекол: „Што би сакале, веќе имате повластена пензија.“
