Нова механизација за почисти улици и подобра комунална хигиена во Скопје и повеќе општини во земјава.
Вкупно 49 нови возила и специјализирана опрема за комунална хигиена добиваат Градот Скопје и повеќе општини во Македонија, како дел од проект реализиран со поддршка на Светската банка.
Новата механизација денеска беше промовирана од премиерот Христијан Мицкоски, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Набавката поевтина за 1,3 милиони евра
Николоски истакна дека набавката била спроведена преку транспарентен процес. Од проценетата вредност од 5,5 милиони евра, опремата е набавена за 4,2 милиони евра, со што, според него, е остварена заштеда од околу 1,3 милиони евра.
Набавени се:
- 19 мултифункционални камиони од различен тип;
- 9 специјализирани камиони цистерни;
- 21 мултифункционално возило за чистење на улиците.
„Во овој проект ќе има возила за градот Скопје, Куманово, Прилеп, Охрид, Тетово, Неготино, Кичево, Дебар, Велес, а се надевам дека со останатите проекти ќе има и за останатите општини“, истакна Николоски.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, порача дека новата механизација е конкретен чекор кон подобрување на комуналната хигиена во главниот град.
Тој потсети дека сметот, преполните контејнери и нечистите улици со години биле еден од најголемите проблеми во Скопје.
„Зборот станува дело“, порача Ѓорѓиевски, посочувајќи дека со новите возила ќе се овозможи побрзо, поефикасно и поредовно собирање на отпадот.
Од Град Скопје дополнително најавуваат набавка на специјализирани возила со сопствени средства, како и повеќе од 3.300 нови контејнери, за кои постапката е во завршна фаза.
