Стопанската комора на Македонија предлага кратење на неработните денови со тоа што празниците што се паѓаат во недела да не се префрлаат во понеделник како неработни. Предлог-измените на Законот за празници наскоро ќе ги достават до Министерството за економија.
Нашиот предлог нема да е бришење или укинување конкретни празници, туку ревидирање на правата што произлегуваат од вака дефинирани празници за сметка на барањето за укинување прослава на некои од празниците. Дури и сегашната поставеност на системот може да се третира како систем што не е во согласност со Уставот бидејќи некако ги става во нерамноправна позиција граѓаните припадници на разни групи. Ако одиме по оваа логика, припадниците на српската заедница или влашката заедница, доколку се православни, имаат најголем број неработни денови – 11 за сите, пет кои се однесуваат на припадници на православната вероисповед и дополнителни денови, кои се однесуваат на конкретната етничка заедница, за сметка, да речеме, на припадник на исламската вероисповед, кој има помалку денови што му се предвидени за прослава во однос на ваквите религиски празници, изјави Анета Димовска.
Лицата при засновање работен однос би избирале кои празници ќе ги користат од групата празници што не се однесуваат на сите граѓани.
Предлогот државните празници што се паѓаат во недела да не се префрлаат во понеделник, од Стопанската комора велат дека произлегува од долгогодишните забелешки на работодавачите, кои сметаат дека сегашниот систем создава организациски и финансиски тешкотии.
Според анализата на Комората, која опфатила 36 европски економии, во речиси 70 проценти од нив бројот на државни празници и неработни денови се движи меѓу 11 и 14.
Доколку на овој број 11, се додадат петте неработни дена, кои се доминантни за најголемиот дел од населението кое е православно, тогаш доаѓаме до бројот 16 и избиваме, условно речено, на врвот помеѓу државите во Европа по бројот на неработни денови, изјави Димовска.
Таа додаде дека во повеќе од половина од анализираните европски држави празниците не се префрлаат во нареден работен ден доколку се паднат за викенд.
Реагираше Сојузот на синдикати на Македонија.
Стопанска комора зборувала да крати празници, а да платат не им се слуша, напиша претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на Фејсбук.
