
Цените на горивата во Македонија полека ги надминуваат и оние во соседството.
Горивата речиси ја стигнаа и 100ката. Дизелот за прв пат е поскап и од бензинот, па од синоќа се точи за рекордни 97 денари за литар, додека бензинот е со цена од 95 денари.
За разлика од кај нас, според најновите статистики дизелот во Србија чини 88,5 денари, додека 98та се точи за 91,5 денари. Кај источниот сосед Бугарија дизелот е 93 денари, а бензините 95 денари. Грција има најскапи горива, но и таму дизелот се точи за дури 22 денари помалку од бензинот.
Во Албанија пак, за само два дена цените на горивата се качија за дури 40%, па сега се повисоки дури и од Грција. Албанските граѓани се кренаа против енормните поскапување и веќе неколку дена протестираат низ повеќе градови во државата.
За заштита од ценовниот шок, во Собрание на дневен ред се законските измени со кои ДДВ-то за горивата од 18 ќе се намали на 10%, а акцизата ќе се намалува врз основа на берзанските цени. Министерот за економија Бектеши очекува мерките да се изгласаат уште денеска, па веќе од понеделник цените на горивата да се намалат.
Може да биде малку поскапо од Србија, од другите не верувам дека е поскап и дизелот. Денеска во Собрание најверојатно би требало да се усвои законот за ДДВ и законот за акцизи, а имајќи ги предвид и вчерашните цени на берзата и цената пред два дена, очекувам согласно анализите од утре, а многу е важно да се наведе дека веќе од понеделник ќе имаме не поевтини цени од регионот, но значително поевтини цени – изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
По руско-украинската криза и драстичниот раст на цените на светските берзи, РКЕ кај нас со нова методологија, секоја вечер крои нов ценовик, па така и за вечерва се очекуваат нови цени.
Регулаторот веќе им ја намали заработката на трговците од 4,5 на 3 денари, на што тие жестоко реагираа и се заканија со затворање на бензиските станици.