Во Владата на Република Северна Македонија се одржа состанок со членовите на Економскиот совет во кој учествуваат претставници од академијата, гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, претставници на стопанските комори, одделни претставници на поголемите компании од земјата, на синдикалните организации и други експерти од економскиот и финансискиот сектор.
На состанокот, со кој претседаваше премиерот Димитар Ковачевски се разговараше за актуелната економска состојба во време на воената состојба во Украина, за сериозните ризици и последици кои таа ги предизвикува и за нејзиното влијание и врз енергетската криза.
На советот беше потврдена заложбата и важноста од носење на мерки за поддршка на граѓаните и стопанството во време на криза. Беа разменети мислења, сугестии, предлози околу потребните мерки што како државна помош треба да бидат земени предвид при креирањето на политиките за ублажување на последиците од најдлабоката криза во современата историја.
Во тек е подготовка на анализата и можните нови мерки кои треба да се најдат во најскоро време на владина седница. На состанокот се разговараше за таргетирани мерки со буџетска поддршка за стопанството со цел задржување на ликвидноста и работните места и за мерки за ранливите категории за ублажување на ценовните шокови.
Владата во изминатиот период донесе низа мерки и обезбеди раст на платите, пензиите како и финансиска поддршка за компаниите. Со преземањето на БЕГ се овозможи континуирано обезбедување топлинска енергија за полесно надминување на предизвиците од економската криза. Ваквите политики дадоа резултат и превенираa посериозни ценовни шокови и со исти политики на одговорно владеење Владата продолжува и понатаму. – се вели во соопштението на влада.