Охрид денес и утре ќе биде во знакот на одбележувањето на 7 Ноември – Денот на ослободувањето на градот, со повеќе културни, свечени и меморијални настани.
Празничната програма продолжува денес, 6 ноември, со повеќе активности низ градот.
Од 17:00 часот во СРЦ „Билјанини извори“ ќе се одржи свечена приредба по повод патрониот празник на ОЈУДГ „Јасна Ристеска“.
Во 18:00 часот ќе биде промовирана стихозбирката „Шепотот на езерото“ од Стефанија Бакулеска.
Во 19:00 часот, во Младинскиот центар во Охрид, ќе биде отворена самостојната изложба „Охрид во моето срце низ очите на татко и син“ од охриѓанецот Петар Паунче – Скитник. Изложбата е посветена на Охрид, фотографијата и врската меѓу таткото и синот.
Во истиот термин, 19:00 часот, на малата сцена при Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се одржи Свечена академија по повод 82-годишнината од ослободувањето на Охрид. На академијата е предвидено и обраќање на градоначалникот на Охрид.
Утре – 7 Ноември
На самиот празничен ден програмата продолжува со повеќе настани.
Во 10:30 часот ќе се одржи 6. Општинско првенство во шах, додека од 10:00 до 11:00 часот е најавен „Ohrrid Fly Festival“ – регионален параглајдинг перформанс.
Во 11:00 часот ќе биде положено свежо цвеќе во Спомен-паркот на Револуцијата.
Во 17:00 часот, во Прличевата одаја, ќе биде промовирана книгата „Охридски книжевни критичари“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски.
Празничната програма ќе биде заокружена со изложбата „Охрид – светско наследство низ објективот“ на Фото кино клуб „Охрид“. Изложбата ќе биде отворена на 7 ноември во 19:00 часот во Куќата на Робевци, со слободен влез.
7 Ноември – Денот на ослободувањето на Охрид – годинава се одбележува со богата програма посветена на историјата, културата и градот.
