HomeАктуелноВо Бугарија и Србија денес ден на жалост поради големата трагедија во Кочани

Во Бугарија и Србија денес ден на жалост поради големата трагедија во Кочани

Министерскиот совет на Бугарија го прогласи 18 март за Ден на национална жалост во спомен на жртвите кои загинаа во трагични околности во градот Кочани, Република Северна Македонија, соопшти владината прес-служба. Бугарската Влада изрази сочувство до семејствата на загинатите.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Во нивен спомен денеска на половина копје ќе бидат спуштени националните знамиња на државните институции, јави БТА.

Вкупно 59 лица загинаа, а 155 се здобија со различен степен на изгореници и повреди по пожарот што избувна во дискотеката Пулс во Кочани, источна Северна Македонија, за време на концертот на популарниот бенд ДНК во раните утрински часови во неделата. Некои од настраданите во пожарот се примени на лекување во Бугарија. Вкупно 14 од повредените со воено-транспортните авиони „Спартан“ и амбулантни возила од софиската Итна медицинска помош се пренесени во Бугарија.

Неговата Светост бугарскиот патријарх и митрополит софиски Данил служеше Трисвето (кратка молитва) за загинатите во трагичниот инцидент во градот Кочани во митрополитската катедрала „Света маченица Недела“. По литургијата за починатите се служеше благослов на масло за исцелување на жртвите.

Во Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија беше изложена книга на жалост, во која граѓаните можат да изразат сочувство во врска со пожарот во дискотеката во Кочани.

Српската влада го прогласи 18 март за Ден на жалост во чест на најмалку 59 загинати, а повеќе од 150 се повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што избувна на 16 март околу 3 часот по полноќ

Државните органи и организации, како и другите правни лица кои го истакнуваат знамето, се должни да го спуштат знамето на Република Србија на половина копје, со соодветно осветлување ноќе.

Радиодифузните организации за информирање на јавноста на територијата на Србија се должни во своите програми да емитуваат музика и програми соодветни за Денот на жалост, вклучително и програми наменети за странска публика, наместо хумористични, забавни, фолклорни и други програми со забавна и народна музика.

Музеите, театрите, кината, организациите кои имаат музичко-сценски програми, архивите и другите културни институции се должни да ги приспособат своите програми на Денот.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.