Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави денес дека Србија вовела мерки за извоз на земјоделски производи откако во понеделникот се соочила со барање за извоз на пченица од историско ниво, на 200.000 тони пченица на административниот премин Мердаре кон Косово и на други премини, јави дописиникот на МИА од Белград.
Тој кажа дека во моментов Србија во резерви има 800.000 тони пченица и еден милион тони пченка и потсети дека годишните потреби се 1,2 милиони тони пченица, а жетвата допрва доаѓа во август.
Сакаме да го избегнеме она што се случи во понеделникот. Она што ја помина административната линија на Мердаре во историјата нема поминато, како и на другите премини. Вкупното барања беше на ниво од 200.000 тони пченица, што логистички не можевме да го направиме. За еден ден имавме барање да извеземе четвртина од нашите резерви. Во регионот има толкава побарувачка за житариците, а цените отидоа до небо и сите мора да обезбедат леб за населението, објасни Вучиќ.
Тој посочи дека поради тоа е преземена мерка и најави дека владата ќе процени и ќе дозволи кога ќе бидеме целосно безбедни за извоз.
Мораме да мериме секој ден за да не се загрижиме ни секунда и дали имаме доволно за населението, но и за соседството. Да имаме ние, а да немаат луѓето во Скопје, Подгорица и Бјелина-нема смисла. Ние сме систем на споени садови, рече тој.
Вучиќ истакна дека за три дена извозот на масло за јадење скокнал за 109 отсто, дека во Србија има доволно нафта и нафтени деривати и дека снабдувањето не е проблем, туку скокот на цените, поради што државата интервенирала за да ги заштити граѓаните.
Вучиќ укажа на сложеноста на енергетската ситуација во Србија, која е меѓу Бугарија и Унгарија и дека одлуката на која било од нив може да влијае на неа.
Секоја одлука на ЕУ може да влијае на нас, посочи тој и рече дека е добро што Германија реагирала.
Тој потсети дека Бугарија речиси целиот гас го добивала преку Турција.
Вучиќ посочи дека нафтата од Русија што ја користи Србија пристигнува во Омишаљ во Хрватска, но дека се плаши дека доколку се интензивираат воените операции на руската војска, притисокот од Европа ќе биде поголем да се забрани нејзиниот извоз.
Вучиќ ови пораки на новинарите ги даде на поставувањето на камен-темелникот на сточарската фабрика на унгарската компанија УБМ во Адашевци кај Шид, заедно со унгарскиот шеф на дипломатијата и трговијата Петер Сијарто, и кажа дека Унгарија речиси секогаш помага во Брисел кога се во прашање интересите на Србија и дека односите меѓу двете земји и политички и економски се вистински пријателски, што го чувствуваат граѓаните „на секое ниво и во секој поглед“.