Охрид денеска ја очекува одлуката на Обвинителството за случајот со 26-годишната девојка која беше брутално нападната и со тешки телесни повреди заврши во болница.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска изјави дека во текот на денот очекува да биде известен од надлежниот јавен обвинител во Охрид, по што би требало да биде донесена и конечна јавнообвинителска одлука.
Савески нагласи дека во Основното јавно обвинителство во Охрид интензивно се работи на целосно расветлување на случајот и дека се преземаат сите неопходни истражни дејствија.
Особено значаен за понатамошната постапка е исказот на оштетената девојка, со која надлежниот обвинител веќе е во контакт. Според Савески, нејзиниот исказ може да даде докази со голема доказна вредност.
ЌЕ СЕ МЕНУВА ЛИ ПРАВНАТА КВАЛИФИКАЦИЈА?
Случајот во моментов се води како тешка телесна повреда, за што МВР поднесе кривична пријава против 31-годишен охриѓанец. На осомничениот му се определени мерки на претпазливост.
На новинарско прашање дали има елементи случајот да биде квалификуван како обид за убиство, Савески не даде конечен одговор.
Тој посочи дека правната квалификација ќе зависи од доказите што ќе бидат собрани во истрагата и дека би било шпекулација однапред да се утврдува за кое кривично дело станува збор.
ЈАВНОСТА ЧЕКА ОДГОВОР
Случајот предизвика големо внимание во јавноста, а особено прашањата зошто осомничениот не доби притвор и дали правната квалификација треба да биде потешка.
Од Обвинителството денеска се очекува да соопшти што е утврдено во досегашната постапка, како ќе биде правно квалификуван случајот и какво понатамошно постапување ќе биде преземено.
Одлуката се очекува во текот на денот.
