Директорот на индустриските зони Јован Деспотовски е четвртиот кандидат за Претседател. Тој попладнево и официјално ја поднесе својата кандидатура. Во својата програма која ја нарекува Концепт 28 најавува дејствување врз база на неколку принципи меѓу кои главен фокус ќе бидат луѓето, отвореноста и чесниот пристап. Најавува замена на зборовите со бројки преку воведување на систем за мерливост на спроведените политики.
„Политичките организации, СДСМ не смеат повеќе да се гледаат низ интересот за врaботување во јавен сектор или други индивидуални потреби и интереси. Развиваме концепт, свест дека политичкиот ангажман е можност да се даде придонес во развојот на општеството. “ – стои во програмата на Деспотовски.
Вчера се кандидираше и Властимир Алексовски а ден претходно во архивата на СДСМ стигнаа и кандидатурите на Фросина Ременски и Димитар Ковачевски.
Утре Централната изборна комисија на СДСМ ќе врши верификација на кандидатурите а доколку некоја не е во согласност со статутарните квалификации може да биде отфрлена. Гласањето е закажано за 12 декември, а право на глас имаат сите партиски членови кои имаат важечка членска книшка.