Европската Унија го објави првиот пакет санкции кон Русија.
Одлуката на Москва да ја признае независноста на сепаратистичките територии Луганск и Доњецк и да испрати војска е незаконски и неприфатлив потег што го нарушува меѓународното право и дополнително ја влошува кризата, нагласи доцна попладнево претседателката на Европската Комисија.
Русија е целосно одговорна за ескалацијата, рече фон дер Лајен, соопштувајќи го пакетот санкции кои беа едногласно усвоени од сите земји членки.
Од ЕУ најавуваат дека санкциите се само еден дел од европскиот одговор на потегот на Русија, но за официјална Москва, тие се нелегитимни.
Рускиот претседател, кој попладнево доби зелено светло за испраќање на војската во Источна Украина, рече дека армијата нема веднаш да оди во Донбас.
Договорот од Минск веќе не постои, потенцираше Путин. Ситуацијата во Источна Украина ја спореди со анексираниот Крим и Косово, велејќи дека единствената разлика е што одлуката за самостојност на Косово ја донесе тамошниот парламент, а во Крим луѓето се изјаснија на референдум.
За дескалацијата целосно ги обвини западните земји.
Потегот на Путин наиде на жесотки реакции од Западот и испровоцира санцкии. Првиот удар стигна од Германија – земјата го запре процесот на одобрување на гасоводот Северен поток 2, кој требаше да пренесува гас од Русија, Британија воведе санкции кон пет руски банки и три лица блиски до Путин, а Вашингтон забрани инвестиции и финансирања од американските бизниси во отцепените региони од Украина.