HomeАктуелноЗавршува есенската потрошувачка кошница, Владата ќе реагира ако повторно се зголемат цените

Завршува есенската потрошувачка кошница, Владата ќе реагира ако повторно се зголемат цените

Завршува мерката за ограничување на профитната маржа на дел од основните прехранбени производи што беа опфатени со есенската потрошувачка кошница. Одлуката ја донесе Владата во втората половина на септември, а со неа беа опфатени 73 основни прехранбени производи на кои бруто профитната маржа им беше ограничена на 10 проценти во трговијата на големо и мало.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Владата најавува дека жестоко ќе се спротистави доколку повторно се зголемат цените. По министерот за економија, и премиерот Христијан Мицкоски завчера најави дека ќе ги искористат сите алатки што им стојат на располагање со цел да се заштити стандардот на граѓаните.

-Очекувам заедно со коморите, трговците и со производителите да не дојде до дивеење. Ако дојде до тоа, жестоко ќе реагираме и ќе го браниме стандардот на граѓаните со се што имаме како алатка на располагање, изјави Мицкоски пред учеството на Првата годишна конференција на Блумберг Адрија во Скопје.

Министерот за економија Бесар Дурмиши во изјава за медиумите дадена на 25 октомври оцени дека мерката дала резултати затоа што цените на одредени производи се намалиле од пет до десет проценти. Тој верува дека трговците нема да ги зголемат цените затоа што од крајот на септември во сила е и Законот за нефер трговски практики со кој над 2.500 производи имаат ограничена маржа од 10 проценти.

-Ако имаме драстично зголемување на цените наредниот месец, ќе донесеме поригорозни мерки … изјави Дурмиши.

Од Сојузот на синдикати на Македонија каде ја изработуваат синдикалната потрошувачка кошница со показатели колкави се минималните трошоци на едно четиричлено семејство велат дека мерката на Владата не ги дала посакуваните резултати затоа што трговците ја изиграле.

-Значајно е да се нагласи дека мерката на Владата за ограничување на висината на маржите даде дел од посакуваниот резултат, но, поради алчноста за профит кај трговците што државата мора да го заузда, тие, кога разбраа за намерата на Владата за оваа мерка ги зголемија цените на сите производи, а ова го потврдуваме и со растот на вредноста на делот за храна и пијалоци во Синдикалната минимална кошница за повеќе од 717 денари за минатиот месец септември, а во истата во делот на храна и пијалоци во месец октомври 2024 година која изнесува 22.069,00 денари споредено со месец септември 2024 година ( 23.034,00 денари) е намалана за 965,00 денари, истакнаа од ССМ при објавата на синдикалната кошница за октомври.

Од ССМ остануваат на ставот дека при креирање на мерките, Владата треба да го вклучи и синдикатот, а потребни се и поголеми контроли и казни за несовесните трговци.

Податоците на ССМ покажуваат дека на едно четиричлено семејство во октомври му биле потребни минимум 61.249,00 денари за подмирување на основните потреби. Овој износ се зголемува доколку семејствата плаќаат и кирија за стан. Најголем дел од месечните потреби или 22.069,00 денари биле потребни само за храна и пијалоци.

ССМ бара и зголемување на минималната плата на 450 евра, но засега ова прашање останува отворено.

Премиерот Мицкоски вчера во изјава за медиумите рече дека во Предлог-буџетот за 2025 година, којшто очекува деновиве да се најде пред пратениците, се предвидени средства за зголемување на платите и дека како резултат на постигнатиот договор со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) веќе од ноември вработените ќе го добијат првото зголемување. Очекува в понеделник или вторник да почнат и разговорите со Синдикатот за здравство.

Од Владата, според досегашните изјави, најавуваат и новогодишна, божиќна, рамазанска потрошувачка кошница со ограничено времетраење.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.