Граѓаните викендов треба да бидат внимателни со плаќањата преку банка. На 7 и 8 ноември сите банки во земјава ќе спроведуваат планирани технички прилагодувања на своите системи, поради воведувањето нови стандарди во денарскиот платен промет.
Од Македонската банкарска асоцијација информираат дека за време на техничките активности може да има привремени прекини или ограничена достапност на одредени услуги, особено кај платежните трансакции.
Поради тоа, граѓаните и компаниите кои имаат плаќања што треба да ги извршат во текот на викендот се советуваат да ги планираат навреме и да ги следат известувањата од својата банка.
Што точно се менува од понеделник?
Од 9 ноември започнува примената на нови платни налози, нови шифри за целта на плаќањето и користење на платежните сметки во ИБАН-формат.
Од Македонската банкарска асоцијација појаснуваат дека постојните броеви на платежните сметки нема да се менуваат. Банките автоматски ќе го приспособат нивниот приказ и користење во електронското и мобилното банкарство.
Ограничувањата нема да бидат исти во сите банки. На пример, Халкбанк најави дека во сабота, 7 ноември, електронското и мобилното банкарство нема да бидат достапни за платежни трансакции од 08 до 16 часот, а можно е и целосен прекин во тој период. Банката најави и дека нејзините експозитури кои вообичаено работат во сабота ќе бидат затворени.
Затоа, пред да тргнете да платите сметка или да извршите трансакција, проверете го известувањето од вашата банка и планирајте ги обврските навреме.
