Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска ќе се одржи централната свеченост по повод 33-годишнината од формирањето на Армијата на Република Северна Македонија. Повеќе од три децении исполнети со посветеност, храброст, знаење и одлучност во служба на татковината ќе бидат одбележани со свечена програма, во присуство на највисоки државни и воени претставници.
Според предвидениот протокол, на свеченоста ќе се обратат:
- Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова,
- Премиерот Христијан Мицкоски,
- Министерот за одбрана Владо Мисајловски,
- Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Свечено ќе бидат построени и новопромовираните 26 потпоручници и 149 подофицери.
Во рамки на настанот, претседателката Сиљановска-Давкова ќе го одликува Центарот за обука на питомци и офицери – дел од Командата за обука и доктрини – со „Орден за воени заслуги“, како признание за неговата улога и придонес.
На настанот се очекува присуство на претседателот на Собранието Африм Гаши, министри, пратеници, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот, пензионирани генерали, како и воено-дипломатскиот кор и други високи гости.
Чествувањето на 18 Август – Денот на Армијата, започна уште на 15 август, со свечен настан пред Министерството за одбрана и Генералштабот. Министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот генерал-мајор Лафчиски им се обратија на вработените, истакнувајќи ја нивната професионалност и посветеност.
Свечениот собир го посетија и заменик-началникот на Генералштабот генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова, директорот на Генералштабот бригаден генерал Орце Јордев, како и други вработени и гости.
Во чест на Денот на Армијата, синоќа во касарната „Илинден“ во Скопје беше извршена почесна артилериска стрелба, со 10 плотуни од страна на артилерискиот баталјон.
Датумот 18 август е избран како роденден на Армијата бидејќи на овој ден во 1943 година, на Славеј Планина, бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“ – првата организирана воена единица на НОВ на Македонија. Современата македонска Армија, пак, започна да се формира во 1992 година, по договорот за дислокација на ЈНА, потпишан од претседателот Киро Глигоров.
Денес, македонската Армија е дел од најголемиот колективен безбедносен систем во светот – НАТО, во кој земјата стана полноправна членка во март 2020 година, како 30-та земја-членка на Алијансата.
