Малите политички партии бараат во најкус можен рок да се закаже пленарна седница и да почне расправата за измените на Изборниот законик. Доставиле и писмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери. Бараат една изборна единица, пропорционален модел и без изборен праг.
Во писмото упатено до претседателот на Собранието потсетуваат дека Предлог-законот за измени на Изборниот законик е доставен уште на 5 март 2021 година и дека тој е ставен на дневен ред на седницата закажана за 18 мај, но оти досега не е почната расправата.
-Со оглед на важноста на законот, инсистираме во најбрз можен рок да се закаже пленарна седница и да се отвори расправа по Предлог-законот. Инаку, со промените се предлага Република Македонија да биде една изборна единица, со пропорционален изборен модел и без праг, се наведува во барањето.
Барањето е потпишано од пратениците Павле Трајанов, Маја Морачанин, Моника Зајкова, Боби Мојсоски, Љупчо Балкоски и Бејџан Иљас.
Бараат да се донесе законот во рок од три месеци. Поддршка за изборните реформи ќе бараат од сите пратенички групи и независни пратеници. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како што брифираат иницјаторите на ваквите измени, начелно го поддржуваат предлогот, но ќе го отворат прашањето за изборниот праг.