За Виктор Мизо, директор на „Костал Македонија”,предупредувањето на директорот на германската комора дека се заканува стопирање на производството на македонските фирми кои работат за германската автомобилска индустрија е очекувана.
Не станува збор за нова вест туку за реалност која трае веќе 2 недели, изјави за „Локално“ првиот човек на “Костал” која е дел од германскиот гигант кој произведува автомобилска и индустриска електроника за најпознатите светски автомобилски брендови.
Според него, негативните ефекти се веќе секаде видливи, а како аргумент во прилог на тезата ја наведува изјавата на извршниот директор на Wolkswagen дека последиците од руско- украинската војна ќе бидат многу полоши од оние од пандемијата.
Клиентите со коишто соработуваме веќе го намалуваат своето производство,вели Мизо а тоа во пракса значи дека во одредени фабрики се намалуваат смените за работа, а некаде дури и се укинуваат.
Оттука, влијанието врз македонските компании е неминовно.Тие исто така ќе мораат да го редуцираат производството,а со тоа и бројот на вработени.
Во меѓувреме ќе мора да се најде алтернатива за се што се произведува во Украина, но тој процес не е едноставен ниту пак кус, посочува првиот човек на “Костал”.
Во изјавата која ја алармираше македонската јавност, директорот на Делегацијата на германското стопанство, предупреди дека автомобилската индустрија е во голема криза,а германските производители се принудени да го сопрат своето производство.Тоа според него ќе има директни последици и врз македонските компании кои работат со германските,односно и нив им се заканува стопирање на производството.
Оваа алармантна ситуација се надоврза на претходните проблеми што ги имаа компаниите и добавувачите во автомобилската индустрија а кои се појавија поради недостаток на чипови. Драстично беше намалено производството кај сите европски и светски производители на возила, а нашите компании вложуваа огромни напори за да не пристапат кон отпуштање на вработените, пренесува „Локално.мк.