Иако овие две години се вратени 4,6 милијарди евра стари долгови, државата, сепак, проектира економски развој, буџетот се полни со предвидената динамика, а долгот е намален како процент од БДП. Воедно, се справивме и со најголемата енергетска криза во поновата историја – вели премиерот Христијан Мицкоски.
Во интервју за „Каде се парите“, Мицкоски нагласи дека Владата успешно се справи со најголемата енергетска криза во поновата историја на човештвото.
– На дневна основа комуницирам со институциите што се задолжени да го полнат буџетот, вклучително и со министерката за финансии, имам јасен преглед што се случува, како се случува и во каква состојба сме и каква состојба требаше да исправаме, а која ја наследивме пред 2 години кога бевме избрани како влада. Апсолутно сите да бидат спокојни, буџетот се полни со динамиката што е предвидена – додава премиерот Мицкоски.
Тој појасни дека моментната ситуација со буџетот е многу подобра отколку во претходните години и покрај тоа што се враќа солидарниот данок на минатата влада поради одлуката на Уставниот суд.
– Заклучно со 15 јуни, реализацијата на буџетот е приближно 43 % бидејќи на 15-ти се исплаќаат сите оние персонални даноци, сите пријави што се однесуваат на платите и така натаму, на 25-ти се исплаќа ДДВ. Второ, не го гледате нетираниот солидарен данок од речиси една и пол-две милијарди, кој ние го нетиравме со компаниите, односно по одлуката на Уставниот суд, ние го вративме. Кога ќе го додадете нетираниот солидарен данок, ќе дојдеме со бројка над 44 %. Во следното полугодие од годината, тоа се седмиот и десеттиот месец, ние ќе го наплатиме тримесечниот данок на додадена вредност, а во првото полугодие од годината само во април го наплаќаме. И, конечно, доаѓаме до декември, најчесто се исплаќаат сите даноци, бонуси, дивиденди и така натаму и тогаш по правило собирањето даноци на крајот на годината е практично најголем. Така што мене апсолутно оваа состојба не ме загрижува, туку напротив е многу подобра отколку што беше годините наназад, изјави Мицкоски.
Премиерот посочи дека хистерија креваат личности блиски до СДСМ и политичари кои ја доведоа државата во тешка состојба, кои сега гледаат како оваа влада успеа да се справи со кризата и да обезбеди стабилно снабдување со нафтени деривати не само за македонските граѓани, туку и за граѓаните на соседните држави.
-Хистеријата која ја рефлектираат во јавноста одредени аналитичари блиски до СДСМ и некои политичари кои ја доведоа Македонија во оваа состојба, кои порано имаа допирна точка со економијата и финансиите, мене не ме загрижуваат, туку ме охрабруваат затоа што таа хистерија е соодветна на луѓе кои го изгубиле тлото под нозете, се во паника и гледаат дека и покрај сите кризи ние успеавме како држава без да очајуваме, без да држиме панични прес-конференции, како што тоа беше случај во соседството, да се справиме на еден мирен начин, да обезбедиме стабилно снабдување на граѓаните и бизнисот со нафта и нафтени деривати, да успееме да обезбедиме стабилно снабдување и за граѓаните на соседните држави. И конечно да дојдам до мојата поента, имајќи го предвид сето она кое го преземавме на почеток намалено ДДВ, потоа намалена акциза и да ги имаме овие наплати, тоа е голем успех, потенцираше премиерот Мицкоски.
