Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид синоќа интервенираше на пожар на отворен простор во населбата „Гоце Делчев“ (Бараки) во Охрид.
Според информациите од ТППЕ Охрид и ЦУК, во гаснењето на пожарот биле ангажирани четири противпожарни возила и 17 пожарникари. Во пожарот била зафатена деградирана шума и сува вегетација.
Од Пожарната информираат дека поради силниот ветер постоела реална опасност огнот да се прошири кон блиските објекти и да предизвика поголеми материјални штети. Благодарение на навремената и професионална интервенција на пожарникарите, како и на помошта од локалното население и доброволците, пожарот бил ставен под контрола и била спречена поголема штета.
ТППЕ Охрид упатува апел до граѓаните да се однесуваат совесно и одговорно, особено во летниот период кога високите температури и ветерот го зголемуваат ризикот од пожари на отворен простор.
Воедно, од Пожарната бараат надлежните институции да преземат соодветни мерки за пронаоѓање и санкционирање на сторителите доколку се утврди дека пожарот бил предизвикан од човечки фактор.
