HomeАктуелноОпштините преферираат развој наместо пренагласена заштита на Југозападниот плански регион

Општините преферираат развој наместо пренагласена заштита на Југозападниот плански регион

Градоначалниците од Југозападниот плански регион, денеска, имаа средба со претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање и од Агенцијата за просторно планирање, во пресрет на инцијативата за изработка и донесување на нов Просторен план на РС Македонија за развојниот период од 2020 до 2040 година.

Притоа, заменик министерската за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска и директорката на Агенцијата за просторно планирање, Андријана Андреева, заедно со своите соработници ги запозна присутните со временската рамка и методологијата за изработка на овој значаен стратешки документ, кој, пред се, ќе биде во хармонија со европскиот пристап во планирањето, како еден од неопходните чекори во приближувањето и подготовка за пристап кон Европската унија.

Градоначалниците од Регионот истакнаа дека постојната законска регулатива го кочи развојот на регионот и тие не можат да излезат во пресрет на барањата на инвеститорите и граѓаните. Градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко апелираше да не се пренагласуваат и преземаат заштитни мерки во Охрид, Струга и Дебрца, бидејќи не може да се очекуваат позитивни развојни ефекти ако целосно се стопираат потребите на граѓаните, во прв ред, изразени како потреби за градење на индивидуални куќи, и на инвеститорите како потреба за изградба на нови сместувачки и ресторански капацитети со цел да се развива туризмот и угостителството како носечка гранка во Регионот. Мерко имаше забелешка на работата на Националната комисија на УНЕСКО, чија работа и изнесени ставови, според него, се во спротивност со низа законски решенија, во делот на урбанистичкото и просторното планирање, информира Стојан Савески од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.

Низ дискусијата во која учествуваа и другите градоначалници и претставници од општините од Регионот беше заклучено дека при изработката на новиот Просторен план на државата треба да бидат земени во предвид развојните барања на општините, бидејќи без нив ќе нема економски развој, нови инвестиции, вработувања и подобрување на животниот стандард на населението.

Се очекува, преку соработката со Швајцарската агенција за развој и соработка, и преку Програмата за регионален развој на Бирото за регионален развој, да бидат инвестирани околу 80 милиони денари за проекти со кои ќе се подобрува животот на населението во Југозападниот плански регион, имплементирани преку Центарот за развој, додава Савески.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.