Секоја година од буџетот се покрива дупката на ПИОМ и таа никогаш не се намалила под една третина од вкупната сума за исплата на пензиите. Дури и кога во 2022 година се зголемиле придонесите за 11,63 отсто и изнесувале 890 милиони евра, ПИОМ имал расходи од 1,4 милијарди евра за пензии. Разликата од 530 милиони евра е покриена од џебот на сите граѓани.
Притисокот врз буџетот на Фондот ќе се зголеми откако ќе почне реализацијата на линеарното зголемување од 2.500 денари на септемвриските пензии, бидејќи за само три месеци, државата ќе треба да издвои дополнителни 40 милиони евра за да го покрие покачувањетo.
Меѓувреме владата денеска ќе реферира за сработеното во првите сто дена. Еден од главните адути ќе биде токму исполнетото ветување за линеарно покачување на пензиите. Иако првично беше најавено дека сите пензионери ќе добијат линеарно по 5 илјади денари веднаш по доаѓањето на власт, потоа беше дообјаснето дека тоа ќе се случи во два наврати, едно покачување со септемвриската пензија и едно со пензијата во март.
Од тука произлезе дилемата колку беше чесно и спроведено ветувањето, ако се има предвид дека од ветување до целосно спроведување на ова зголемување, ќе поминат речиси 15 месеци, што, практично значи дека вторите 2.500 денари нема да ја имаат истата вредност како кога беа ветени, бидејќи во меѓувреме цените прилично брзо растеа.