Облачно со повремени врнежи од дожд и снег, во западните и јужните делови пообилни (над 30 l/m2). На планините и на повисоките места, претежно во западните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7 степени.
Времето и метеоролошки параметри за Скопје: облачно со врнежи од дожд, повремено пообилни, а во повисоките делови од котлината врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. T= 5 °C, P= 986 hPa, U= 87 %, V= 5 m/s.
(Т- температура, P- притисок, U- релативна влажност, V- средна брзина на ветер).
ВРЕМЕТО УТРЕ
Наутро облачно со слаб локален дожд и снег особено во јужните делови од земјата. Попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека на Единствениот број за итни случаи 112 добиле пријави од заглавени возила во Маврово и на Попова Шапка.
ЦУК посочуваат дека денеска во 13:05 часот добиле известување од службени лица на Територијалната противпожарна едница од Гостивар за заглавено службено возило меѓу хотелот „Радика“ и Бунец и дека со нив се и околу 20 други возила заглавени од рано утрото. Во моментов се чека поголема машина-фреза од „Македонија пат“ за расчистување на снегот.
– Службените лица бараат интервенција од „Македонија пат“ со механизација за чистење на патот, како и од Полицијата да ги застанат возилата за да се избегне дополнителна гужва, пренесуваат од ЦУК.
Од ЦУК соопштуваат дека на Единствениот број за итни случаи 112 во 13:30 часот добиле пријава и за блокирани возила пред влезот на Попова Шапка на раскрсницата до викендиците.
– РЦУК Тетово известува дека контактирале со ПС Попова Шапка, пријавителот и „Македонија пат“. Истите известиле дека блокираните возила на Попова Шапка не се како резултат на неисчистени коловози туку се работи за несовесни граѓани кои со летни гуми се упатиле на Попова Шапка. Патот е прооден, моментално две возила го чистат истиот. Проблемите се настанати од луѓето. Возилата со зимски гуми без никакви проблеми се движат по патот. Патрола од ПС Попова Шапка е на местото на настанот. Според дежурниот во ПС Попова Шапка во наредниот период може да се јават и други пријавувачи за истиот проблем бидејќи како ќе одминува времето поголем број на луѓе ќе почнат да се симнуваат од Шапка кон Тетово и да се создаваат поголеми колони од возила, велат од ЦУК.
Последна информација од Македонија пат
Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на нашите дежурни екипи.
Снег со слаб интензитет провејува низ цела западна Македонија, додека во останатите делови врнежите се од дожд.
ЈП Македонијапат со целокупната расположива механизација и работна сила е вклучена во расчистување на патиштата по обилните врнежи во западните и источните предели.
Исто така на располагање се и фирмите со кои соработуваме, како навремено би се справиле со снежните наноси.
Забрани за сообраќај за тешки товарни возила има на планинските превои Ѓавато и Маврово..На патниот правец Тетово – П.Шапка е задолжително користење зимска опрема (ланци). Сите патни правци во државата се проодни.
На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.
ЈП Македонијапат апелира на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.
Дежурните екипи на ЈП МАКЕДОНИЈАПАТ се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни.
Сите подетални информации учесниците во сообраќајот можат да ги добијат на нашиот дежурен телефон02 25 61 502.
