Уставните судии одлучија да не поведат постапка по иницијативата за укинување на Ковид-сертификатите за влез во објектите.
Иницијативата ја прогласија како неоснована, а образложението на судијата известувач, Вангелина Маркудова е дека одлуката донесена од Владата е разумна и е донесена за општо добро поради пандемијата со Ковид-19.
Спорно за подносителот на иницијативата, Николче Марушевски, било ограничувањето на движењето. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека според Уставот, граѓаните се еднакви во своите права и слободи без разлика на општествената положба и дека Уставот го гарантира слободното движење на сите граѓани на територијата на Републиката, но оспорената одлука го дерогирала ова право за невакцинираните граѓани.
Уставниот суд побарал објаснување од Владата која во ноември лани одговорила дека Одлуката за протоколите од Ковид-19 е согласно Уставот кој предвидува гарантирање на слободите и правата но и исклучоци со кои тие слободи се ограничуваат заради заштита на здравјето на луѓето.
Уставниот суд на крајот од минатаа година отрфли и иницијатива за оспорување на одлуката за носење маски на јавен простор.
Портпаролот на Комисијата за заразни болести вчера рече дека се уште не се размислува за укинување на ковид сертификатите со оглед на тоа дека има голема трансмисија на вирусот.
