Албанија трета во светот и прва во Европа по растот на туризмот годинава, објави Светската туристичка организација.
Во извештајот се вели дека едиствено Катар и Саудиска Арабија имаат поголем раст на туризмот. Податоците велат дека во соседна Албанија оваа економска гранка пораснала за 59% од јануари до јуни годинава споредено со лани.
Недопрената природа, убавото Јонско море и евтините цени се причините за континуираниот раст на туризмот. Според податоците, бројот на туристи во јуни е поголем за 76,4% во однос на истиот месец лани.
Факт е дека и поради големината, но и поради самото море Македонија не може да се споредува со Албанија во туризмот, но каде сме ние на туристичката мапа? На ранг-листата на СТО Македонија е меѓу државите во јужниот дел од Европа кои бележат најголем пад. СТО вели дека туризмот годинава опаднал за 8%. Полоши резултати бележат само Италија и Израел со пат од 12, односно 13%.
