Управата за јавни приходи (УЈП) предупредува дека денеска до граѓаните пристигнуваат лажни СМС-пораки испратени во име на институцијата, преку кои се прави обид за измама и можна злоупотреба на лични и финансиски податоци.
Во пораките, кои содржат линк, се наведува:
„Потсетник на УЈП: Статусот на вашата сметка за социјално осигурување е абнормален. Препорачуваме да го решите проблемот што е можно поскоро“.
Од УЈП апелираат граѓаните да не го отвораат линкот и да не внесуваат лични, банкарски или други чувствителни податоци доколку ја добијат ваквата порака.
Информациите поврзани со УЈП граѓаните треба да ги проверуваат исклучиво преку официјалните канали на институцијата, односно официјалната веб-страница, е-услугите и објавените контакт-адреси и телефонски броеви.
За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на info@ujp.gov.mk, Инфо-центарот 0800 33 000 или на телефонскиот број 02 3253 200.
Од УЈП повторно апелираат граѓаните да не кликаат на линкови од сомнителни СМС-пораки и да не споделуваат лични или банкарски податоци.
Граѓаните се повикуваат предупредувањето да го споделат и со своите блиски, со цел да се спречат можни злоупотреби.
