ВМРО-ДПМНЕ реагираше на прес-конференцијата на пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Јованка Тренчевска, која предупреди за состојбата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Од владејачката партија ги отфрлаат тврдењата дека ПИОМ е пред колапс и дека исплатата на пензиите е доведена во прашање.
„Ниту ПИОМ е пред колапс, ниту пензиите се загрозени“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека Пензискиот фонд е стабилен и дека пензиите редовно се исплаќаат.
Од партијата посочуваат дека во изминатите две години пензиите линеарно се зголемени за вкупно 7.000 денари и оценуваат дека со актуелните мерки пензионерите добиле повисоки примања.
Во реакцијата се упатуваат критики и кон Тренчевска и периодот кога СДСМ беше на власт. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека тогаш зголемувањата на пензиите биле значително помали, а дел од пензионерите протестирале барајќи повисоки примања.
„Апокалиптичните сценарија што сака да ги наметне СДС за пензиите ќе им пукнат како меур од сапуница“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во завршницата од партијата велат дека „ниту ПИОМ е пред колапс, ниту пензиите се во ризик“, додавајќи дека, според нив, единствено СДС е загрозен од опстанок на политичката сцена.
