HomeАктуелноВозачи, остануваат уште 6 дена: од 15 ноември задолжителна зимска опрема – еве што мора да имате во автомобилот

Возачи, остануваат уште 6 дена: од 15 ноември задолжителна зимска опрема – еве што мора да имате во автомобилот

Возачите во Македонија имаат уште шест дена да ги подготват своите возила, бидејќи од 15 ноември започнува законската обврска за задолжително поседување зимска опрема. Обврската ќе важи до 15 март 2027 година и се однесува на сите возила што учествуваат во јавниот сообраќај.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Важно е да се знае дека обврската важи независно од тоа дали на патиштата има снег или ниски температури.

Што се смета за зимска опрема?

За патничките возила со најголема дозволена маса до 3.500 килограми, правилата предвидуваат две можности:

  • Зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите од 4 милиметри.
  • Летни пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите од 4 милиметри, но во возилото задолжително треба да има синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала.

Посебни правила за возилата со погон на четири тркала

Кај возилата со погон на сите четири тркала (4×4), зимските пневматици треба да имаат минимална длабочина на шарите од 6 милиметри.

Доколку се користат летни пневматици со најмалку 4 милиметри длабочина на шарите, потребни се и синџири за снег, поставени согласно типот на погонот на возилото.

Што важи за автобусите и товарните возила?

За моторните возила со најголема дозволена маса над 3.500 килограми, зимската опрема подразбира зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите од 6 милиметри, или пропишана комбинација од летни пневматици и синџири за снег.

Автобусите и товарните возила кои поради технички причини не можат да постават синџири на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.

Од Министерството за внатрешни работи потсетуваат дека зимски пневматици се оние што на страничниот дел имаат ознаки M+S, MS, M&S и симбол на снегулка на стилизирана планина со три врва.

Поставувањето пневматици со клинци е забрането.

Возачите се повикуваат навреме да ја проверат опремата и состојбата на пневматиците, со цел побезбедно учество во сообраќајот во зимски услови.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.